Македонскиот првак МЗТ Скопје денеска почна со одигрување пријателски натпревари пред почетокот на новата сезона, а прва станица му беше Приштина.
Аеродромци гостуваа кај косовскиот прволигаш Бора, чии членови се македонските интернационалци Адем Мекиќ, Јетмир Зеќири и Резарт Мемед и славеа со 82-79. Мечот беше исклучително тесен и неизвесен, нашиот тим го реши прашањето околу победникот во самиот финиш, односно во последните пет минути во кои се влезе со нерешен резултат (69-69).
Се истакна новото засилување на МЗТ Скопје, Чарлс Гил кој постигна 31 поен и 8 скока, Илајџа Мекејден додаде 18, а Магдевски 11 поени. Од Македонците во домашниот тим, најефикасен беше Зеќири со 14 поени, Мемед постигна осум, а Мекиќ два.
Својот втор меч МЗТ Скопје ќе го игра на 13 септември против Гостивар на домашен терен.


