Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје се соочи со неочекуван проблем на стартот од втората фаза од подготовките за новата сезона.
Аеродромци останаа без еден од тројцата американски кошаркари кои беа претставени пред 15-тина дена и сега екипата е со само двајца странски играчи. Клубот се раздели со ниското крило Грегори Џонсон кој, како што објавија од клубот, не ги поминал лекарските прегледи поради повреда доживеана непосредно пред доаѓањето во Македонија.
Такво нешто можеше да се претпостави по вчерашниот меч против Бора во Приштина каде Џонсон не настапи и го немаше во записникот, а МЗТ Скопје денеска само ги потврди шпекулациите.
Шампионот посочи дека веќе е во потрага по играч на неговата позиција, а сезоната за МЗТ Скопје почнува за 20 дена со мечот против Кожув во Суперкупот на Македонија.


