Македонската кошаркарска репрезентација денеска ги доби своите противници за првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година и првите впечатоци се дека ждрепката е поволна.
Веројатно не ни можеше да биде полошо затоа што единствените две кредибилни селекции во оваа конкуренција, Бугарија и Словачка беа со нас во првиот шешир и не можеа да се паднат во нашата група со што се согласува и Андреј Јакимовски кој се очекува повторно во националниот тим по подолго време.
„Мислам дека не е многу важно со кого играме и кои репрезентации ни се ривали во оваа фаза. Најбитно е ние да бидеме здрави, во полн состав и да почнеме да ја градиме нашата хемија затоа што сметам дека уште долго време треба да бидеме заедно. Реално, почнуваме од дното, не очекува долг и напорен пат и треба да размислуваме само позитивно. Што се однесува до репрезентациите кои ни се ривали, Ирска, Азербејџан и Луксембург, навистина не знам ништо за нив, но ќе повторам дека во овој случај се зависи исклучиво од нас“, рече Јакимовски за КОШ.МК.
Претквалификациите почнуваат пред крајот на ноември со дуел против Азербејџан на домашен терен и потоа гостување во Ирска која беше во вториот шешир и, на хартија, треба да биде наш најголем ривал за првото место во групата.


