Денеска и утре во салата „26 Април“ ќе се одржи силниот меѓународен Меморијален турнир „Боби Петковски“ кој оваа година доживува трансформација и се префрлува на
клупско ниво, за разлика од порано кога на него, главно, учествуваа
младински репрезентации.
Составот на екипите кои допатуваа во Гевгелија е респектабилен. Покрај домаќинот Кожув, на турнирот ќе учествува косовскиот прволигаш Бора, предводен од македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ, потоа 15-кратниот шампион на Македонија, Работнички и најголемото име во ова друштво, двојниот првак на Турција, Каршијака од Измир, поранешен клуб на легендарниот македонски плејмејкер Врбица Стефанов, а кој во своите редови од неодамна го има Михаил Наумоски.

Според распоредот, двојките за полуфиналето се Работнички-Каршијака и
Кожув-Бора и тие натпревари ќе се играат денеска, додека дуелите за пласман
се утре, од 18 и 20 часот.
Гевгелија и Кожув веќе се покажаа во одлично издание за време на Купот на Македонија што се одржа во февруари, а меѓународниот турнир ќе послужи за официјална промоција на составот на некогашниот вицешампион и за кревање на популарноста на кошарката во градот на југот на Македонија.


