Гостите од Турција и Косово, Каршијака и Бора утре ќе се борат за трофејот на Меморијалниот меѓународен турнир „Боби Петковски“ што се одржува во Гевгелија.
Овие две екипи денеска ги совладаа македонските претставници Работнички и Кожув кои, пак, утре ќе се борат за третото место. Каршијака беше подобра од Работнички со 84-74, а Бора во неизвесен финиш го победи домаќинот Кожув со 77-76.
Работнички беше во постојана негатива во дуелот со Каршијака, во втората четвртина Турците водеа и со 17 разлика, но по три четвртини на семафорот стоеше 66-61 за поранешниот шампион на Турција. Искуството, сепак, си го направи своето и Каршијака на крајот оствари комотна победа.
Играта на Работнички се темелеше на четворица американски кошаркари, Џордан Онил беше најефикасен со 21 поен, Хатсон додаде 16 со 8 скока, а Витни уште 11 со 7 асистенции.


