Поранешниот шампион на Македонија, Работнички викендов е на мини-турнеја во Србија каде ќе одигра два натпревара.
Првиот беше денеска против Војводина во Нови Сад на кој Работнички загуби со 81-103. Одлучи првата четвртина која домаќините ја добија со 24-13, но во второто полувреме скопскиот тим беше рамноправен и покажа дека може да се носи со поквалитетни тимови. Војводина и претстојната сезона ќе учествува во АБА 2 лигата и ќе биде еден од најсериозните кандидати за пласман во елитната конккуренција.
Најефикасен беше Џејлоб Хатсон со 17 поени, Брет Томпсон постигна 15, а Витни 11. Добра вест за тренерот Владимир Мирковски е враќањето на искусниот Стојан Ѓуроски кој долго време беше во аут поради повреда на зглобот, доживеана пред крајот на минатата сезона, како последица на што не играше ни за македонската репрезентација во претквалификациите за Европското првенство.
Својот втор тест во Србија, Работнички ќе го има утре од 18 часот против ОКК Београд.


