Вицешампионот на Македонија, ТФТ денеска го одигра и вториот меч од турнирот во Самоков.
Втор ривал на тимот од Тафталиџе беше Балкан од Ботевград кој во неизвесен финиш славеше со 82-81. ТФТ имаше напад за победа, но не го искористи и ја испушти шансата за прв триумф на подготовките на кои досега играше само со странски ривали. ТФТ го диктираше темпото во првото полувреме, водеше со 28-23 и на голем одмор замина со 53-46, но Балкан направи пресврт во третиот период кој го доби со 22-11 за потоа да ја сочува предноста и да слави на овој меч.
Стенли Дејвис беше најдобар играч на ТФТ со 29 поени, 8 скока и 5 асистенции, Џастин Гордон додаде 17 поени, а двоцифрен беше уште Ташовски со 10.
Следните тестови ТФТ ќе ги има идниот викенд кога ќе биде организатор на Меморијалниот турнир „Андреј Грковски“ на кој ќе учествуваат уште МЗТ Скопје, Кожув и Тиквеш.


