Единственото домашно засилување во тимот на Пелистер за новата сезона е репрезентативецот Андреј Митревски кој летово дојде од Феникс.
Иако релативно млад по години, Митревски има искуство и на домашна и на меѓународна сцена, долго време беше капитен на Феникс, а ги помина сите младински селекции на Македонија и добро знае што го очекува. Пелистер в петок го очекува првиот меч од квалификациите за Лигата на шампионите, а потоа и обид да дојде до првиот трофеј во својата историја.
„Благодарен сум на клубот и раководството што сум дел од овој тим што ќе игра на високо ниво во европската кошарка. Без разлика дали ќе учествувамево групите на ЛШ или Европа купот, ова треба да биде поттик и за нас како клуб и за останатите во македонската кошарка бидејќи само така таа може да се развива.
Нашиот противник во Лигата на шампионите е одличен, но тоа за нас не значи ништо, ова го гледаме како докажување, а не како сожалување дека сме добиле тежок ривал. За мене е големо задоволство што ќе имам можност да играм европско натпреварување со кое се добива големо искуство и како тим и индивидуално.
Во однос на домашното првенство, исто така целта е да стигнеме што подалеку, да донесеме трофеј бидејќи битолчани се вљубеници во спортот. Пелистер беше неколку пати на чекор од освојување пехар, како во првенството, така и во Купот и ќе се обидеме конечно да го оствариме долгогодишниот сон на битолчани, рече Митревски.


