По повеќе од една деценија во школата и првиот тим на Феникс, репрезентативец Андреј Митревски летово се збогува со скопскиот клуб и одлучи кариерата да ја продолжи во Пелистер.
Уште како тинејџер стана капитен на Феникс и постојано ја имаше лидерската улога на теренот што и му овозможи мошне млад да дебитира за македонската репрезентација. Покрај понудите за продолжување на кариерата во НЦАА, Митревски одлучи да остане во Македонија и претстојната сезона, првпат во кариерата, ќе игра против матичниот Феникс. Од клубот се простија од него на емотивен начин и му се заблагодарија за досегашниот придонес.
„Време е за нови страници, но твојата приказна со Феникс никогаш нема да избледи. Андреј, ти благодариме за трудот, срцето и страста што ги вложи во секој натпревар. Ќе недостасуваш на теренот, но знаеме дека те чекаат големи работи“, објави Феникс.
Своето деби за Пелистер, Митревски ќе го забележи в петок, во првиот квалификациски меч за пласман во Лигата на шампионите, против италијанската Реџана, во Самоков.


