По турбулентниот летен период, екипата на Феникс го комплетира составот за новата сезона во која ќе има значителни промени во однос на минатата.
Капитенот и најдобар играч на тимот Андреј Митревски замина во Пелистер, Благој Димитриев се пресели во Тиквеш, а раководството на клубот одлучи да се врати на својата филозофија, промоција на младите играчи. Репрезентативецот Стефан Стојковиќ ќе добие многу позначајна улога во тимот, а Феникс денеска го договори и првото засилување за новата сезона.
Тоа ќе биде поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Виктор Златевски кој во Гази Баба се сели од Шкупи каде ја помина минатата сезона. Таму беше најстандарден, одигра 28 натпревари со просек од 7,9 поени, 3,2 асистенции и 2 скока, но не успеа да го спаси клубот од испаѓање.
Претходно, 23-годишниот плејмејкер настапуваше и во Работнички, Академија ФМП и Гостивар, а секаде важеше за еден од најдисциплинираните кошаркари во екипата со висока работна етика.


