Екипата на ТФТ е втор освојувач на турнирот „Андреј Грковски Тафта“ откако во вечерашното драматично финале го совлада ланскиот победник МЗТ Скопје со 74-73.
До триумфот, организаторот на турнирот стигна благодарение на големиот пресврт, имајќи предвид дека на средината од втората четвртина МЗТ Скопје имаше највисоки +13 (34-21). Истата предност ја достигна и пред крајот на третиот период (61-48), но дури и во тие моменти ТФТ не се предаде и се надеваше на победа.
ТФТ ја почна последната четвртина со серија од 13-0 со која го израмни резултатот, но до водство дојде дури на минута пред крајот. МЗТ Скопје потоа имаше три напади за победа, прво Мекејден промаши тројка, па беше изблокиран на положување, за во последната акција аеродромци да ја загубат топката при изведување од аут.
Стенли Дејвис со 31 поен и 8 скока беше убедливо најдобар поединец на натпреварот, Гордон постигна 18, а Ташовски 16 поени. Кај МЗТ Скопје, Мекејден постигна 16 поени, но со лош шут од игра (5/16).
Третото место на турнирот го освои Кожув кој во „малото финале“ беше подобар од Тиквеш со 87-86.


