Попладнево во Кале официјално стартува новата сезона во македонската клупска кошарка, со дуелите од Суперкупот на Македонија кој го носи името „Драган Василов Цевка“.
Први на терен излегуваат дамитем од 17 часот Баскет Кам ќе го брани трофејот што го освојуваше претходните три години. Предизвикувач сега ќе биде Вардар кој минатата сезона го освои Купот на Македонија, а на клупата на тимот од Македонска Каменица ќе дебитира новиот тренер Тони Симиќ. Минатата сезона овие две екипи се сретнаа во финалето од Купот и тогаш славеа „вардарки“ кои во меѓувреме останаа без Ања Начевска и Селцова.
Кај мажите се среќаваат МЗТ Скопје и Кожув во реприза на финалето од Купот на Македонија што се одигра во Гевгелија, а аеродромци на доминантен начин стигнаа до пехарот. МЗТ Скопје а суверен во македонската кошарка последните три години во кои ги освои сите можни трофеи и затоа како голем фаворит влегува во вечерашниот дуел.
Во машка конкуренција, ова ќе биде 13. издание на Суперкупот на Македонија, а во досегашните 12, дури седум пати триумфираше МЗТ Скопје, по два трофеја имаат Работнички и Николферт, а еден Струмица. Кај дамите ќе се одржи петтиот Суперкуп во кој Баскет Кам ќе се бори за својот четврти трофеј, а еден има Бадел.


