Петти пат по ред и осми во историјата, МЗТ Скопје е освојувач на трофејот во Суперкупот на Македонија со кој почнува новата сезона во домашната кошарка.
Во исклучително драматичниот меч, аеродромци го победија жилавиот Кожув со 71-65, а победникот се решаваше во последните 30-тина секунди од натпреварот. Кожув пропушти можеби историска шанса да дојде до својот прв трофеј во историјата, а заслужува честитки за она што го покажа вечерва во Кале.
Херој на МЗТ Скопје е легендата на македонската кошарка Војдан Стојановски кој ја презеде одговорноста во клучните моменти. На 32 секунди пред крајот, при водство на неговиот тим со 63-62, а при истек на нападот, Војдан погоди луда тројка преку двајца противнички кошаркари и со тоа го скрши отпорот на гевгелискиот тим. Кожув потоа мораше да брза, Пурвис промаши тројка, па Дамјан Стојановски и Марио Петков од линијата за слободни фрлања ставија точка на натпреварот.
Војдан не беше најефикасен во својот тим, но имаше највисок индекс (18), благодарение на 13. поени и шесте скока. Прв стрелец на МЗТ Скопје беше Гил кој постигна 16 поени, додека Пурвис го предводеше Кожув со 21, ама одличен меч одигра и репрезентативецот Теодор Симиќ кој постигна 9 поени и 12 скока.
МЗТ со ова ја продолжи доминацијата во македонската кошарка, имајќи предвид дека од Купот во 2022 година, ги освои сите можни трофеи, а тие на број се 11.


