Денеска продолжуваат натпреварите од првото коло на македонската кошаркарска Суперлига и тоа со четири натпревари.
При ждрепката пред две недели, посочено беше дека дерби на првиот круг ќе биде дуелот меѓу Работнички и Пелистер, но во реалноста, дерби ќе има само според имињата на екипите. Работнички не успеа да ги регистрира странските засилувања поради суспензијата од ФИБА, па денеска едвај ќе собере екипа за да излезе на мегдан против битолскиот ривал.
„Одигравме девет пријателски средби со мошне силни противници, добро ја темпиравме формата и немавме проблем со повредени играчи. Сепак, поради административни работи и неажурност, на натпреварот со Пелистер ќе настапиме преполовени без три странски и двајца домашни кошаркари. Штета е што не можеме комплетни да му се спротивставиме на Пелистер, но момците што ќе истрчаат на теренот ќе го дадат својот максимум. Се надевам дека до следното коло проблемите ќе бидат надминати и ќе можеме да го покажеме својот потенцијал“, рече Мирковски за КОШ.МК.
Суспензијата во ФИБА е поради неисплатени плати на шестмина поранешни кошаркари и функционери на клубот меѓу кои, интересно, е и сегашниот играч на Пелистер, Никола Малешевиќ.
Во меѓувреме, Работнички се раздели со еден од американските кошаркари Брендон Витни кој не ги задоволил вкусовите на стручниот штаб.


