Поранешниот финалист во Купот на Македонија, Феникс блесна на стартот од новата сезона, совладувајќи го новакот во Суперлигата, Ангели со 79-62.
Скопската пресметка помина во доминација на домашниот тим кој беше подобар во сите 40 минути. Огромен дел од работата заврши уште во првото полувреме кое го доби со 45-27, па второто полувреме остана само формалност, без тензија на теренот или драматичност.
Одличен натпревар одигра поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Виктор Златевски кој летово го засили тимот на Феникс. За 37 минути на теренот, тој постигна 24 поени, 10 асистенции и 6 скока за индекс 35, највисок на мечот. Од помош му беа Донзо кој постигна 16 поени и 7 скока, како и Волканоски кој постигна 8 поени и 12 скока.
Кај Ангели, единствен тим во суперлигашката конкуренција кој сезоната ја почна без странци, најдобар беше Теон Богатиновски со 15 поени.


