Поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув ја оствари првата победа во сезоната откако вечерва во драматичен натпревар го совлада Тиквеш со 72-70.
Победникот на овој меч беше решен на три секунди пред крајот, а херој беше американскиот интернационалец Родни Пурвис кој погоди тројка за победа. Пред тој да погоди, последниот кош на натпревар беше постигнат на 1:40 пред крајот кога Џексон го донесе Тиквеш во водство со 70-69. По неколку пропуштени напади, Пурвис погоди тројка која се покажа доволна за победа на Кожув.
На кавадарчани им останаа три сеунди, тренерот Атанас Манев нацрта одлична акција, топката отиде до осамениот Глигоријевиќ под кошот, но тој не се снајде и не успеа да постигне кош кој ќе значеше израмнување и продолжение.
Пурвис беше најефикасен играч на мечот со 18 поени, Колев додаде 15, а Симиќ 12 во победничката екипа. Петар Бошалески го предводеше Тиквеш со 17 поени, а Андерсон оствари дабл дабл со 14 поени и 16 скока.


