Незгодниот термин за претквалификациите за Светското првенство му носи големи главоболки на новиот селектор на македонската репрезентација Марјан Илиевски кој треба да направи тим за дуелите со Романија и Унгарија.
Кај голем дел од играчите се јавува отпор за настап на претстојните четири натпревари со цел што поодморени да ја пречекаат новата сезона, па уште повеќе се намалени опциите за оваа репрезентативна акција. И покрај се, новиот претседател на КФМ, Томица Главчев и селекторот Илиевски се категорични дека не планираат никого да молат да игра, дури и по цена да трпат резултатите.
„За Македонија ќе играат само тие што се ежат на химната. Никого нема да молиме. Ќе ги повикаме најдобрите, а потоа и ќе ги објавиме тие што ни откажале и од кои причини затоа што ќе побараме од нив писмено да образложат зошто не играат. Не верувам во конкретни санкции, иако и тие не се исклучени, но за нив ќе биде доволно што ќе бидат осудени од јавноста што одбиле да играат за националниот тим. За нас, кошаркарите кои летово ќе играат во претквалификациите ќе ни бидат приоритет и за следните циклуси, во ноември и февруари со надеж дека тоа ќе биде во квалификациите. Тие ќе играат и на следните натпревари, без разлика дали потоа ќе има поквалитетни кои ќе се премислат. Лојалноста е нешто што мора да се цени. Не прифаќаме откажување во летниот период поради одмор, а потоа достапност кога ќе биде убаво во месеците во текот на сезоната. Верувам дека ќе истраеме во тој став, а од свое име тврдам дека сме подготвени да играме и со јуниори, ако тоа е потребно“, категоричен е Главчев.
Селекторот од своја страна истакна дека не е исклучено да повика кошаркари од У18 и У20 репрезентацијата ако оние „главни“ играчи ја одбијат поканата. Во тек се негови разговори со кошаркарите на кои ќе смета во августовските претквалификации пред, на почетокот од идната недела да излезе со официјалниот, поширок список.
Планирано е подготовките да почнат околу 10 јули, ќе се тренира во Скопје и Гевгелија, а натпреварите се играат во периодот од 2 до 20 август.


