Откако пред крајот на минатата работна недела го донесе Филип Наков, Работнички денеска го договори првото странско засилување за новата сезона, а новиот тренер Владимир Мирковски продолжи со составување на тимот.
На плејмејкерската позиција во тимот од Градски парк ќе биде американскиот интернационалец Брет Томпсон. Работнички летово остана без својот најголем талент Андреј Шошкиќ, како и без Џексон Дубински, па Томпсон ќе има задача да ја разигра екипата.
Американецот има 24 години, висок е 185 сантиметри, колеџ-деновите ги поминал на универзитетите Тенеси и Јангстаун, а минатата сезона за него била прва во европската кошарка. Настапувал во босанското првенство, прво во Мостар, а потоа во Леотар и со тимот од Требиње за малку не обезбедил пласман во полуфиналето од тамошниот плејоф. Просечно постигнувал по 20,5 поени, 4,5 асистенции и 3,4 скока со индекс 22,3.
По физичкиот изглед, а и по стилот на игра, Томпсон многу наликува на поранешниот плејмејкер на МЗТ Скопје, Хасани Гравет кој го носеше дресот на клубот од Аеродром во сезоната 2020/21.


