Денеска во 16 часот ќе биде одржано Изборно собрание на Кошаркарската федерација на Македонија, а утринава во просториите на КФМ се сретнаа се уште актуелниот претседател Перо Антиќ и човекот кој треба да го наследи Томица Главчев.
Антиќ ја поздрави кандидатурата на Главчев и изрази задоволство што тој ќе го наследи на функцијата.
„Ми претставува особена чест и задоволство што денеска го пречекав идниот претседател на Кошаркарската Федерација која беше мојот дом во изминатите шест години. Мојот пријател Томица ја има мојата апсолутна поддршка и верувам дека тој е вистинскиот избор за напредокот на кошарката во Македонија. На новиот претседател му посакувам среќа и успешна работа во години што следат“, порача Антиќ.
Главчев попладнево формално треба да биде избран за претседател на КФМ бидејќи тој е единствен кандидат за функцијата.


