Ако минатата сезона го однесе Кожув во историско финале од Купот, Апостоли Апостолов денеска беше на милиметри од првиот трофеј во својата тренерска кариера.
Половина минута требаше да издржи гевгелискиот тим за да направи сензација и да триумфира во Суперкупот, но тоа малку во дуелите со шампионот најчесто е многу. Апостоли, сепак, е горд на своите кошаркари и презадоволен од покажано денеска.
„Се што бевме договорени со играчите, тоа е да играме агресивна одбрана и да трчаме, во цел меч го исполнивме. Бевме на една топка со МЗТ. Никола Бојчев имаше шут за три и не го погоди. На другата страна погоди Војдан Стојановски и искуството си го направи своето. Јас сум презадоволен од играта и мислам дека ако сме вакви на секој меч, ќе одиме напред“, рече младиот стручњак по натпреварот.
Покажаното вечерва е најдобра покана за навивачите на Кожув, идната недела да дојдат во голем број на отворањето на сезоната и да му дадат поддршка на својот тим во дербито со ТФТ.


