Четврти пат во низа, екипата на Баскет Кам е освојувач на Суперкупот „Драган Василов Цевка“ откако во денешниот натпревар, без особени проблеми го совлада победникот во Купот, Вардар со 63-44.
Иако голем фаворит, тимот од Македонска Каменица дури во третата четвртина го скрши отпорот на противникот откако првото полувреме мина во израмнета игра. На голем одмор, „црвено-црните“ заминаа со минимална предност од 25-24, но третиот период Баскет Кам го доби со 24-7 и тука го направи клучниот чекор кон победата.
Искуството дојде до израз бидејќи Баскет Кам ги имаше одличните репрезентативки Ивана Кметовска и Цветанка Димова кои остварија дабл дабл. Првата постигна 20 поени и 16 скока, а втората 20 поени и 12 скока, а клучен елемент за победата беше подобриот скок бидејќи Баскет Кам имаше дури 24 прифатени топки повеќе (54/40).
Кај Вардар, Јана Пислевска беше најефикасна со 12 поени, а како двоцифрена заврши само уште Митева со 11 поени.


