Екипата на Чаир со убедлива победа го заврши основниот дел од првенството откако вечерва на домашен терен го совлада Гостивар со 99-86.
Со тоа чаирчани го освоија седмото место и си закажаа четвртфинална пресметка во плејофот со ТФТ и тоа е единствената двојка што е позната во моментов, пред одигрувањето на утрешните два последните натпревари. Од друга страна, Гостивар го очекува жестока борба за опстанок со Шкупи, имајќи предвид дека Вардар е веќе испаднат, а без разлика дали во плејаутот ќе биде Феникс или Тиквеш, ќе има голема предност во однос на овие две екипи.
Чаир апсолутно доминираше на денешниот натпревар и беше во негатива само во воведните две минути. По 2-5, домаќините направија 16-2 и до крајот не ја испуштија предноста со тоа што највисоката разлика изнесуваше 20 поени.
Кели повторно доминираше, постигнувајќи 23 поени, Реџа додаде 20, а Мофит оствари дабл дабл со 19 поени и 11 скока. Ѓорѓевиќ беше најефикасен кај Гостивар со 26 поени.


