Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација, Александар Милојевиќ донесе итна одлука во врска со инцидентот што се случи во неделата на дуелот меѓу Вардар и Шкупи.
По завршувањето на тој натпревар дојде до тепачка меѓу членови на двете екипи поради што Милојевиќ изрече парични казни и суспензии. Двата клуба треба да платат вкупно 195 илјади денари, а има и суспензии за тренерите и кошаркарите. Во главна улога се тренерот на Вардар, Александар Јованчев и помошникот на Шкупи, Фаик Мифтари, како и претставникот на чаирскиот клуб Валон Деари и играчот на Вардар, Филип Најков.
Вардар ќе плати вкупно 120 илјади денари по повеќе основи. Тренерот Јованчев е казнет со 50 илјади денари и два меча суспензија поради остварен физички напад врз службено лице на противничкиот клуб по завршување на натпреварот. Најков од истите причини е казнет со 50 илјади денари и суспензија на два меча, а клубот е казнет со вкупно 20 илјади денари поради слаба редарска служба и влез на неслужбени лица по завршување на мечот, како и еден натпревар без публика на домашен терен.
Шкупи треба да плати 75 илјади денари од кои 50 илјади се за иницијаторот на тепачката, како што е посочен службениот претставник Валон Деари плус два натпревара суспензија и 25 илјади за помошниот тренер Фаик Мифтари и еден натпревар суспензија.


