По безмалку шест години на претседателската функција во Кошаркарската федерација, денеска Перо Антиќ заминува во историјата бидејќи од 16 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одржи Изборно собрание за нов предводник на македонската кошарка.
Притисокот врз Антиќ почна уште минатото лето кога се појави иницијатива за негова промена. Тоа веројатно ќе се завшеше и порано ако не беше членот од Статутот на КФМ кој не дозволуваше „интерпелација“ на претседателот пред да поминат две години од неговиот мандат. Периодот измина на 29 март по што веднаш беше свикано вонредно Изборно собрание.
Сепак, во овие 7-8 месеци дојде до огромен пресврт во трката за нов претседател на Федерацијата. На почетокот, борбата ја водеше поранешниот младински и сениорски репрезентативец Младен Ѓуроски кој ја доби поддршката од 37 клуба и прв ја истакна својата кандидатура за претседател на КФМ. Во меѓувреме се спомнуваа и други имиња, но дури минатата недела во преден план изби гевгелискиот бизнисмен Томица Главчев кој денеска официјално треба да биде избран за нов лидер на Федерацијата.
Главчев е добро познато име во македонската кошарка, долго време беше спонзор на Кожув и потоа сопственик на проектот Блокотехна, клуб кој за краток период дојде при врвот на домашниот баскет, играше финале во Купот на Македонија и освои трофеј во Балканската лига во 2019 година. За жал, сето тоа кратко траеше, Блокотехна згасна непосредно по големиот интернационален успех, но Главчев денеска ќе го има својот кам-бек во кошарката, на претседателската функција во КФМ.
Смената на ова место доаѓа во период кога македонската кошарка е во тотален хаос. Клубовите кубурат со финансии, Федерацијата е во огромни долгови, а врв на се беше неодамнешниот штрајк на судиите, се разбира, поради неисплатени хонорари за натпреварите кои ги водеа.
Ако нема промени во последен момент, Ѓуроски би требало да биде директор на Федерацијата, а на функцијата генерален секретар треба да биде назначен Томче Стојчевски. Засега е неизвесна улогата на македонските легенди Врбица Стефанов и Петар Наумоски кои беа најавени во тимот на Ѓуроски.


