Македонскиот шампион МЗТ Скопје има причини за оптимизам пред првиот натпревар од новата сезона во АБА 2 лигата бидејќи тимот ќе биде речиси комплетен на дуелот против Вршац кој се игра во вторник.
Откако го пропушти натпреварот против Маџари поради повреда, Илајџа Мекејден се враќа во составот за мечот со Вршац и ќе ја зголеми конкуренцијата во тимот на МЗТ Скопје. Колку е тој значаен за шампионот, најдобро потврдува фактот што беше најдобар играч на подготовките, а во Суперкупот против Кожув постигна 13 поени. На тој меч доживеа мала повреда и тренерот Васко Атанасов не сакаше да ризикува со него, па Мекејден не заигра во петокот.
Надвор од екипата останува само Андреј Маслинко кој ќе паузира уште неколку недели и засега е неизвесно кога точно ќе се врати во тимот.


