Третопласираниот тим од последната сезона во Првата македонска кошаркарска лига МКК Куманово го договори првото засилување за новата натпреварувачка кампања.
Во Куманово ќе пристигне еден од најдобрите играчи на Кожув од минатата сезона, српскиот интернационалец Андреја Стевановиќ кој остави одличен впечаток во гевгелискиот тим. Заедно со Си Џеј Вилсон беше најдобар играч на Кожув, а на 23 натпревари, просечно постигнуваше по 18,7 поени, 5,6 скока и 3,6 асистенции со индекс 19,9.
МКК Куманово со ова го почна составувањето на тимот за новата сезона во која уште не е исклучено дека ќе игра во АБА 2 лигата. Се чека одлуката на Цибона дали ќе настапува во оваа конкуренција, а ако се откаже, во комбинација за специјална покана се МКК Куманово и босанскиот тим Студент Игокеа.


