Министерството за спорт денеска ги додели државните награди „8 Септември“ за особени остварувања во областа на спортот, за 2025 година.

Меѓу добитниците е и едно добро познато име во кошарката, примариус доктор Виктор Тевчев. Станува збор за долгогодишниот доктор на Кошаркарскиот клуб Работнички, како и поранешен член на медицинскиот тим на машката македонска кошаркарска репрезентација. Докторот Тевчев е специјалист радиолог кој најголемиот дел од својот работен век го помина во Поликлиниката „Букурешт“, но во исто време, постојано им е на располагање на сите кошаркари кои се соочуваа со здравствени проблеми поради што е исклучително почитуван од нив.

Наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот ја доби селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Јошко Миленковски, а докторот Тевчев, заедно со Хамид Бакија, Зоран Николовски и Кирил Манев се наградени за остварувања во спортот.


