Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска се сели во Гевгелија каде ќе се подготвува во следните десетина дена, а на југот од земјава заминува во нешто изменет состав во однос на кој ги почна подготовките.
Големиот број откажувања очигледно го принудија новиот селектор Марјан Илиевски да бара алтернативни решенија. Поради тоа, дополнително се повикани двајца кошаркари кои денеска ќе му се приклучат на нашиот национален тим. Станува збор за играчите на ТФТ, Виктор Ташовски и Тома Стојаноски кои треба да ја зголемат конкуренцијата. Повикан бил и трет член на ТФТ, Ѓорѓи Зафиров, но тој го откажал повикот поради приватни причини. Стојаноски првпат ќе биде дел од националниот тим откако порадно играше за младинските селекции на Македонија, додека Ташовски има искуство од настапи во репрезентацијата.
Кога станува збор за ТФТ, на првичниот список на Илиевски беше и Страхил Николов, но и тој беше принуден да го одбие настапот за репрезентацијата поради повреда.
Според најавите на селекторот, денеска на подготовките треба да се приклучат Адем Мекиќ и Теодор Симиќ, а на 23 јули се очекуваат Андреј Јакимовски и потоа Џејкоб Вајли. Од првиот список, својот настап го откажаа десетина кошаркари поради што на Илиевски ќе му биде мошне тешко да направи конкурентен тим за претквалификациите каде за ривали ги имаме Унгарија и Романија.


