Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш ја оствари првата гостинска победа во кошаркарската Суперлига за оваа сезона откако вечерва славеше во Гостивар со 81-67.
Кавадарчани беа во предност безмалку цел натпревар, водеа и со 20 поени разлика и нивната победа во ниеден момент не беше доведена во прашање. Гостивар водеше само со 12-11 во првата четвртина, но гостите брзо ја презедоа иницијативата и предноста не ја испуштија до крајот.
Клучна се покажа серијата од 15-0 на Тиквеш во финишот од третата четвртина по која гостите од 46-43, отидоа на огромни 61-43 со кој резултат заврши тој период. Во него Гостивар беше без постигнат поен безмалку шест минути.
Дес со 23 поени беше најефикасен во победничкиот тим, Џексон додаде 16, а се истакна македонскиот репрезентативец Петар Бошалески со дабл дабл од 11 поени и 11 скока. Гостиварци имаа само еден расположен играч, Глен Абрам кој постигна речиси половина од поените на својот тим (30) и беше единствен со двоцифрен ефект на овој меч.


