Актуелниот капитен на Работнички, Виктор Ефремовски го продолжи договорот со клубот од Градски парк на уште две сезони.
Репрезентативецот е единствен во актуелниот состав кој има титула и воопшто трофеј со Работнички. Тој беше дел од тимот при освојувањето на последната титула, во 2018 година, како и на последниот пехар во Купот на Македонија, освоен една година подоцна. Покрај него, од играчите на Работнички титули имаат и Стојан Ѓуроски и Дамјан Робев, но освоени со МЗТ Скопје.
Минатата сезона Ефремовски беше најефикасен македонски кошаркар во АБА 2 лигата со просек од 11,2 поена по натпревар. Заедно со двете сезони од новиот договор, 26-годишниот гостиварец ќе комплетира една деценија во тимот на Работнички. Специјалистот за шут од дистанца играше за оваа екипа од 2015 до 2021 и потоа од 2023 година со што досега има осум сезони во Работнички.
Летово тимот од Градски парк го ангажира Владимир Мирковски за нов тренер, на местото на Горан Самарџиев, а досега како засилувања ги донесе Филип Наков од Вардар и Американецот Брет Томпсон. Ефремовски е прв од досегашниот играчки кадар кој го продолжи договорот со клубот.


