Една од хероините на македонската кошарка во 2025 година е судијката Ема Никочевиќ која по двомесечна борба со тумор на мозокот, неодамна се врати на терените.
Од респект кон нејзината приватност, јавноста не беше доволно информирана што се случи со неа во мај годинава и како траеше борбата со подмолната болест. Никочевиќ сега одлучи јавно да ја објави приказната која предизвикува солзи во очите, но и претставува пример за тоа како треба да се однесува човек во ваков случај.
„Кога дознав дека е тумор, бев шокирана. Кога тоа се случи, не можев да зборувам, не можев да кажам ништо, а во себе си велев дека морам да прозборам. Сите се испаничија, десната рака не можев да ја движам и се осигурав дека барем не е срцев удар. Дојде доктор, ме легна и почнав да повраќам. Се сеќавам на се, но не можев да направам ништо. Ме однесоа в болница и таму почнаа инспитувањата.
По седум дена ги добив резултатите и бев среќна бидејќи се покажа дека туморот е бениген и докторите ми рекоа дека не треба да паничам. Среќна сум што се вратив на теренот, не знаев како ќе се снајдам во сите елементи на судењето, но кога ја донесов првата одлука, бев сигурна дека се ќе биде во ред“, вели, меѓу другото, Никочевиќ.
Таа е една од ретките дами судии во македонската кошарка и од 2023 година прв македонска женски судија со знакот на ФИБА. Таа е поранешна кошаркарка, покрај спортот е и професионален физиотерапевт, а со судење се занимава од 2016 година кога почнала да води натпревари во училишни лиги во Шведска. Зад себе има голем број важни натпревари, вклучувајќи го женскиот Суперкуп и натпревари од полуфинални и финални серии во сениорска конкуренција.


