Во последните секунди од натпреварот против Вардар, Гостивар успеа да дојде до победата и да го обезбеди својот опстанок во Првата македонска кошаркарска лига.
На гостувањето во Скопје, гостиварци славеа со 73-71 и без оглед на исходот од дуелот меѓу Шкупи и Тиквеш ќе го освојат десеттото место, второ во плејаутот. Гостивар има подобар меѓусебен биланс во дуелите со Шкупи, па во случај на ист број бодови, ќе биде подобра пласиран на табелата.
Вардар сакаше да му ги помати сметките на својот денешен противник, како што тоа му го направи на Шкупи, иако губеше со 15 разлика, на две минути пред крајот израмни на 70-70. Елис потоа погоди две слободни фрлања,, Вардар не искористи два напада за израмнување и водство, па Грушановиќ од линијата стави точка на сите дилеми.
Максим Митевски одигра одличен натпревар и беше блиску до трипл дабл, постигнувајќи 22 поена, 9 скока и 8 асистенции. Гостивар го одигра цел натпревар со само пет играчи, на клупата имаше четири резерви кои воопшто не влегоа во игра. Бајрам со 17 поени беше најефикасен кај Вардар кој по две сезони во Првата лига се враќа во понизок ранг.


