Актуелниот македонски првак МЗТ Скопје со тешка победа ја почна новата сезона во Суперлигата.
Како домаќини, аеродромци го совладаа дебитантот во елитата Маџари со 77-70, но до триумфот стигна далеку потешко од очекувањата. МЗТ беше огромен фаворит, но тимот од скопското предградие пружи достоен отпор и ги освои симпатиите на неутралните љубители на кошарката.
Шампионот речиси постојано беше во водство, но предноста беше достижна и затоа имаше многу осцилации во однос на резултатот. Во првото полувреме разликата не се качи на повеќе од шест поени разлика, во третиот МЗТ поведе со +11 (53-42), но Маџари се доближи на само два поена на стартот на последниот период (59-61). На четири минути пред крајот беше 69-66 за МЗТ Скопје, но во финишот гостите потклекнаа и не успеаја да ја комплетираат сензацијата.
Гил со 22 поена беше најефикасен кај МЗТ Скопје, 12 постигна Андоноски, а Смит 11. Степлтон и Грин го предводеа Маџари со 22, односно 21 поен.


