Селекторот Марјан Илиевски ја оствари првата победа на новата функција откако денеска ја совлада Унгарија на домашен терен.
Во максимално тешки услови, без речиси цела „прва“ постава, 49-годишниот стручњак донесе нешто ново и се осмели да направи целосно подмладување на репрезентацијата, со голем бројн кошаркари кои досега не беа во комбинација. Затоа и кај него беше големо задоволството по триумфот.
„Им честитам на играчите бидејќи денеска покажаа дека можат да одиграат натпревар во кој ќе си го знаат точното место во тимот и како ќе функционираат во него. Кажав дека контранадпите ќе бидат наше најсилно оружје, го анулиравме и проблемот со скокови и слободно можам да кажам дека напредуваме во однос на времето кое го имавме заедно. Ништо не може преку ноќ, за се треба време.
Им благодарам на сите кои даваат поддршка на репрезентацијата и на нас како стручен штаб. Ние ќе продолжиме како што најдобро знаеме, критиките се тешки, но можат и да ни помогнат за развој на тимот. Повторно апелирам до клубовите да сметаат на овие играчи бидејќи ни претстојат други претквалификации, а кошаркарите треба да бидат носители на репрезентацијата. Тоа е единствена насока за помош на националниот тим во иднина.
Играчите и стручниот штаб работеа максимално, поминавме време со прекрасни личности и спортисти, верувавме едни во други и се надевам така ќе биде и во иднина. Не ја сфаќам еуфорично победата, таа е плод исклучиво на хемијата што ја имаме во тимот, заокруживме циклус со победа што многу значи на почеток на еден долг пат. Ако ги земеме предвид резултатите, можеме да бидеме задоволни“, рече Илиевски.
Тој се осврна и на големите проблеми со кои се соочи од првиот ден, откажувањето на голем број стандардни репрезентативци, но посочи дека не жали за ништо.
„Ние се вклучивме во приказна која беше многу кратка. Изненаден сум од пристапот на играчите од првиот до последниот ден, кој колку придонел на паркетот не е важно бидејќи атмосферата беше на високо ниво и никој не се штедеше. Нормално е да имаме детски болести, но тие се решливи и не мислам дека тоа може да биде проблем во иднина.
Многу поквалитетни репрезентации имаа проблеми со екипите. Ние повторно ќе ги поканиме играчите кои од некои причини не беа сега во комбинација. Секој што ќе разговара со мене и со раководството на Федерацијата, може да игра за репрезентацијата. Уште еднаш го потенцирам проблемот со клубовите, јас сакам играчите да имаат минутажа во своите екипи за да можат да дадат поголем придонес во репрезентацијата. Не можам да кажам што би било кога би биле комплетни, а ако ме прашувате, отворено велам: со истиов тим и истите кошаркари би го поминал истиот пат, без никакви промени. Можеби ни требаат пријателски натпревари, но таква е ситуацијата во моментов“, додаде селекторот.


