Американскиот кошаркар Остин Прајс е нов играч на Пелистер откако потпиша договор на една сезона со поранешниот вицешампион.
Прајс е второто странско и вкупно трето засилување за „зелено-белите“ кои претходно се договорија со Никола Малешевиќ и Андреј Митревски. Станува збор за кошаркар со богато искуство во европската кошарка, кој минатата сезона настапуваше во романскиот шампионат како член на Плоешти, каде просечно постигнуваше по 9,6 поени, 2,4 скокови и 1,3 асистенции по натпревар.
Американецот претходно три сезони мина во холандски Ден Бош, беше дел и од израелскиот шампионат како член на Макаби Ранана и на Ирони Нес Зиона, а прв ангажман во Европа му беше потписот за бугарски Берое во 2019 година. Прајс ќе пристигне во Битола во текот на денешниот ден и веднаш ќе му се стави на располагање на тренерот Даскаловски.
Пелистер во втората половина на септември го очекуваат квалификации за пласман во Лигата на шампионите каде прв противник ќе му биде италијанската Реџана.


