Кошаркарската федерација на Македонија денеска ги информира клубовите во машката Суперлига дека во претстојната сезона ќе биде променет системот на натпреварување.
Промената е изненадување за клубовите бидејќи, како што велат, претходно не биле информирани дека се подготвува такво нешто. Таа се однесува на вториот дел од првенството, односно воведувањето втор дел од лигашката фаза, по завршувањето на основниот сегмент од шампионатот. Во него ќе учествуваат првопласираните шест екипи, но за разлика од порано, ќе се игра еднокружно, по т.н. Бергеров систем. Тоа значи дека пред почетокот на разигрувањето за титулата, екипите ќе одиграат вкупно 27 кола.
Пет кола, исто така по еднокружен систем, ќе одиграат и екипите од плејаутот во кој ќе учествуваат тимовите од седмата до 12. позиција. Последните три екипи ќе испаднат во понизок ранг бидејќи од идната сезона, како што беше најавено, Суперлигата ќе биде скратена на десет екипи.
Промена има и во плејофот бидејќи повеќе нема четвртфинале, туку директно ќе се оди во полуфинале каде ќе учествуваат најдобрите четири екипи. Во полуфиналето ќе се игра до два добиени натпревари, исто како и серијата за третото место, додека финалето останува до три добиени натпревари.
КФМ направи промена и во Купот на Македонија каде директен пласман во завршницата повеќе нема да има само за најдобрите осум екипи по првата полуетапа. Првопласираните четири одат директно на завршниот турнир, додека останатите осум екипи, од 5. до 12. позиција ќе играат квалификациски меч од кој победникот ќе обезбеди место во четвртфиналниот. Ова значи дека идната сезона повторно ќе има промена во системот на Купот на Македонија, поради најавеното намалување на екипи на 10. Квалификациските натпревари ќе се играат во последниот викенд од декември.
Новата сезона почнува на 28 септември со дуелите од Суперкупот на Македонија во машка и женска конкуренција, основниот дел завршува на 5 април, втората лигашка фаза ќе се игра до крајот на април, полуфиналето од плејофот почнува на 2 мај, а планирано е сезоната да трае најдоцна до 31 мај. Промени се можни само ако Пелистер во ФИБА или МЗТ Скопје и ТФТ во АБА 2 направат забележителен успех и се пласираат во завршницата од тие натпреварувања.


