Сениорската репрезентација на Македонија влегува во финалната фаза од подготовките за претквалификациите за Светското првенство што ќе се одржат во август.
До првиот меч има уште девет дена, а утре и задутре во Гевгелија, националниот тим ќе ги има единствените тест-дуели, против Швајцарија. За жал и во овој циклус во репрезентацијата ќе го нема Андреј Јакимовски кој вчера го откажа својот настап поради повреда. Кошаркарот кој претходните пет години настапуваше во НЦАА, а неодамна потпиша со италијанскиот Тренто имаше прегледи во својот нов клуб и констатирано е дека не може да настапи за националниот тим.
„Откако заврши сезоната во НЦАА, постојано бев во тренажен процес бидејќи постоеше можност да настапам на Летната НБА лига. Очигледно дошло до голем замор и преоптоварување поради што медицинските прегледи во Тренто покажаа дека имам мала повреда на рбетниот столб. Поради тоа морам да правам терапии во следниот период за да бидам подготвен за претсезоната со Тренто.
Многу ми е жал што нема да можам да играм за репрезентацијата. Имав огромна желба повторно да го облечам најдрагиот дрес, особено во овој момент кога знам дека е тешко, тимот е во процес на подмладување и секој кошаркар е значаен. Им посакувам многу среќа на моите соиграчи, се надевам дека ќе имаат успех и дека јас ќе бидам на располагање за следниот прозорец на ФИБА“, изјави Јакимовски за КОШ.МК.
Меѓу другото, тој најави дека најверојатно ќе биде во Куманово на 2 август кога Македонија ќе ја пречека Романија во првото коло од претквалификациите, за да им даде поддршка на соиграчите. Покрај него, циклусот ќе го пропушти и новиот играч на Зенит, Ненад Димитријевиќ.


