Кошаркарската федерација на Македонија упати апел до навивачите во пресрет на последниот натпревар од претквалификациите за Светското првенство, против Унгарија в среда.
Нашата репрезентација ја пречекува Унгарија во меч кој е од формален карактер бидејќи Македонија ги загуби шансите за пласман во квалификациите, но КФМ ги покани сите фанови и љубители на кошарката да им дадат поддршка на младите играчи кои настапија во овој циклус.
„Нашите репрезентативци со гордост ја претставуваат државата и ја носат одговорноста да се борат за нови успеси. Поддршката од трибините секогаш била нашата најголема сила и мотив, па затоа веруваме дека и овој пат заедно ќе создадеме атмосфера на коректно навивање, достојна за големи спортски семејства.
Ве повикуваме да бидете дел од овој настан, и со вашето присуство да им дадете дополнителна енергија на нашите играчи. Заедно да отпочнеме да ја испишуваме следната страница во историјата на македонската кошарка“, објави КФМ.
Натпреварот против Унгарија се игра в среда од 19 часот во Кале и со него официјално завршуваат претквалификациите за македонската репрезентација.


