Комисија од Кошаркарската федерација на Македонија, во состав Владимир Темелковски, Алија Феревски и Александар Милојевиќ, претходниот период изврши детална проверка на условите во сите сали каде треба да се играат кошаркарски натпревари претстојната сезона, а резултатите не се баш за пофалба.
Од објектите каде што ќе настапуваат суперлигашките клубови во машка конкуренција, само пет сали ги исполнуваат сите услови и тоа „Јане Сандански“ и „Кале“ во Скопје, „Боро Чурлевски“ во Битола, „Јасмин“ во Кавадарци и „26 Април“ во Гевгелија. Комисијата има забелешки за некои од пропишаните услови во „Шабан Трстена“ каде треба да игра Чаир, „Младост“ во Гостивар, „Перо Наков“ во Куманово“, „Независна Македонија“ во Кисела Вода за каде се пријавени Ангели и „Наум Наумоски Борче“ во Маџари каде треба да игра новиот прволигаш.
Интересно е тоа што Работнички како прва сала каде ќе биде домаќин ја пријавил салата во Средното фискултурно училиште што значи дека Градски парк нема да биде готова до почетокот на новата сезона. Алтернативна сала пријавил и Гостивар кој е можно да игра во Маврово.
Ништо подобра не е ситуацијата ни во женската елитна конкуренција, како и во пониските лиги во двете категории каде за речиси сите сали има забелешки: нема адекватна соблекувална за судиите, неисправни технички уреди, линолеум подлога, нема црвена и жолта лента и автоматска сирена, нема доволно простор од граничните линии до рекламите (ѕидовите) итн.


