На фановите на Кожув вчера не им беше дозволено да дојдат во Скопје на натпреварот од Суперкупот против МЗТ Скопје за што денеска гевгелискиот клуб побара одговор, кој ја донел одлуката автобусот да биде вратен.
Кошаркарската федерација на Македонија експресно одговори дека тоа не е во нејзин домен.
„И покрај пропозициската обврска на гостинскиот клуб (КК Кожув) да ја пријави навивачката група најдоцна 72 часа пред натпреварот, пријавата беше доставена околу 30 часа пред почетокот. Федерацијата во целост ги презеде сите активности за организација, а натпреварот беше уредно пријавен.
Сепак, МКФ не сноси никаква одговорност за одлуката за враќање на навивачите – конечната процена на безбедносните ризици е во исклучива надлежност на органите кои ги донесуваат тие одлуки.
Воедно, МКФ ја користи оваа прилика да ги поздрави сите љубители на кошарката и спортот воопшто, охрабрувајќи ги да продолжат да ја следат играта со фер-плеј и позитивна енергија“, стои во соопштението на МКФ.


