Новото раководство на Кошаркарската федерација на Македонија полека ја гради стратегијата за работа во својот мандат, а со тоа и за развојот на кошарката во земјава.
Меѓу главните проекти на новите челници се истакнува еден кој би можел да значи многу за кошарката во иднина. Станува збор за изградба на нова сала на местото на сегашната во СРЦ „Кале“ која што е под концесија на Федерацијата.
„Имаме идеја и нацрт план, целосно да ја срушиме салата ‘Кале’ и на нејзино место да изградиме нов објект по сите спортски стандарди. Планирано е, всушност, да има две сали, на две нивоа од кои во долниот дел ќе биде мултифункционална сала за сите спортови, а во горниот, модерна арена која ќе се користи само за кошарка и која ќе биде кошаркарски дом. Нам не ни е важно кој ќе го стопанисува тој објект, дали тоа ќе биде Владата, некое министерство или ние како Федерација, битно е само тоа да биде реализирано.
Проектот му е претставен на ресорниот министер во Владата на Република Македонија и засега имаме апсолутна поддршка за негова реализација. Мора да истакнеме дека сегашниот објект во ‘Кале’ не само што едвај ги исполнува критериумите за натпреварување на ФИБА, туку е и опасен поради тоа што во минатото не се водело грижа за многу работи околу неговото одржување“, откри претседателот на КФМ, Томица Главчев.
Засега целата работа е во почетна фаза и секако ќе биде потребен извесен период додека заврши целата административна постапка и, евентуално, почне изградбата. Најважно е тоа што челниците на Федерацијата го сметаат ова за врвен приоритет и ќе се обидат да го истуркаат во најбрз можен рок.


