Новото раководство на Кошаркарската федерација на Македонија е решено да стави ред во сите сегменти од своето работење, но и целосно да го смени системот на управување на кошарката.
За таа цел се воведува систем на уредност и финансиска дисциплина кој ќе почне да важи уште ова лето. Пред се, како активни и со лиценца и медиумска видливост ќе бидат промовирани само клубовите кои ќе достават комплетна документација, ќе ги исполнат критериумите и навреме ќе ги подмират своите обврски. За сите останати клубови ќе биде дадена дополнителна временска рамка за довршување на работите.
Новите правила ќе важат еднакво за сите – без фаворизирање, без исклучоци, без компромиси. Само клубовите што ќе ги исполнат сите критериуми, ќе добијат дозвола за настап.
„Кошарката нема време за импровизации. Овој стратешки зафат е потребен за стабилност, спроведлив за сите и неопходен за иднината. Само сериозни клубови со сериозен пристап ќе ја направат македонската кошарка поорганизирана, попривлечна и повреднувана – без разлика на рангот или конкуренцијата. Време е да се изгради систем, не за моментален успех, туку за трајна вредност“, порачуваат од Кошаркарската федерација.
Во втората половина на јули, КФМ ќе организира дополнителни средби и презентации со сите пријавени екипи, каде ќе бидат детално објаснети новите лиценцни критериуми финансиските и организациските обврски, стандардите за сали и др.


