Финалистот во Купот на Македонија, Кожув го договори третото засилување за новата сезона.
По Арсеније Вучковиќ и Хусеин Бајрам, нов член на тимот од Гевгелија е американскиот интернационалец Девон Хигс. Станува збор за играч кој ги покрива бековските позиции, доаѓа од американската Развојна Г-лига каде последен тим му бил Гринсборо, но малку недостасувало да заврши во НБА лигата.
Минатата година тој настапувал за Мотор Сити Круз во Летната лига, а во септември потпишал договор со Детроит Пистонс. Ден подоцна добил отказ и се вратил во Мотор Сити кој е филијала на Пистонс за во јануари да ја прекине соработката и со овој тим.
Договорот со Хигс е уште еден показател за големите амбиции на Кожув во новата сезона. Тимот и во претходната кампања демонстрираше високи цели, стигна до финалето на Купот, а сега ќе се обиде да отиде и над тоа.


