Финалистот во Купот на Македонија од минатата сезона Кожув планира на спектакуларен начин да го претстави тимот за новата натпреварувачка кампања.
Тоа ќе го направи на силен меѓународен турнир во салата „26 Април“ кој ќе се одржи на 9 и 10 септември. Станува збор за Меморијалниот турнир „Боби Петковски“ кој оваа година доживува трансформација и се префрлува на клупско ниво, за разлика од порано кога на него, главно, учествуваа младински репрезентации.
Составот на екипите кои ќе допатуваат во Гевгелија во втората недела од септември е респектабилен. Покрај домаќинот Кожув, на турнирот ќе учествува косовскиот прволигаш Бора, предводен од македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ, потоа 15-кратниот шампион на Македонија, Работнички и најголемото име во ова друштво, двојниот првак на Турција, Каршијака од Измир, поранешен клуб на легендарниот македонски плејмејкер Врбица Стефанов.
Според распоредот, двојките за полуфиналето се Работнички-Каршијака и Кожув-Бора и тие натпревари ќе се играат на 9 септември. Дуелите за пласман се ден подоцна, од 18 и 20 часот.
Кожув планира уште неколку силни тестови пред почетокот на новата сезона, вклучувајќи учество на турнирот „Андреј Грковски Тафта“, во организација на ТФТ, на 20 и 21 септември, заедно со домаќинот, МЗТ Скопје и Тиквеш.


