По 26 години, македонската кошаркарска репрезентација повторно ќе одигра официјални натпревари во Куманово и тоа во претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Во 1999, во квалификациите за Еуробаскетот, Македонија таму ја пречека Унгарија која и сега е во групата со нашиот национален тим. Покрај овие две селекции, тука е и Романија против која на 2 август ги отвораме претквалификациите. Новиот генерален секретар на Кошаркарската федерација, Томче Стојчевски објасни зошто паднала одлуката да се игра токму во Куманово.
„Кога дојдовме, на 2 мај, мејловите од ФИБА беа со рок во кој треба да одговориме каде ќе играме. Не само за А-селекцијата, туку и У16 шампионатот во Скопје. Немаме многу сали што ги исполнуваат условите на ФИБА, а кога ја водевме кампањата сакавме децентрализација на кошарката и се стремиме за тоа.
Зошто Куманово? Првиот меч се игра на 2 август, голем македонски празник, ние, жителите на Скопје во тој период најчесто го напуштаме градот и ако сакаме да ја наполниме салата не можеме да сметаме скопјани да го направат тоа. Со натпреварот против Романија официјално ќе биде отворена салата во Куманово која беше во процес на реновирање, од градоначалиникот информации дека се ќе биде завршено дотогаш и затоа сметам дека овој град е идеална опција за претквалификациските натпревари. Ако помине последната инспекција од ФИБА, се надевам на големиот кошаркарски празник во Куманово“, рече Стојчевски.
По дуелот против Романија, Македонија ја очекуваат гостувања во Унгарија и Романија, а на 20 август, повторно во Куманово, го завршува циклусот. Не е исклучено тој натпревар да одлучува кој ќе помине во следната фаза поради што е важно салата да биде исполнета до последното место.


