Претстојната сезона во Суперлигата на Македонија ќе има дебитант и тоа скопскиот клуб Маџари кој по ренесансата што ја доживеа пред четири години, успеа да ја исполни својата главна цел и да стигне до елитата.
Минатиот месец клубот се засили со првите Американци во својата историја, а денеска донесе уште две големи засилувања. Нови членови на клубот од Гази Баба се македонските репрезентативци и едни од најперспективните играчи во земјава Марко Луканоски и Амар Хот.

Луканоски игра на центарската позиција и минатата сезона ја помина во Игокеа, а иако само 19-годишен веќе има искуство во Италија и во македонската Прва лига, во тимот на Вардар. Во претквалификациите тој дебитираше за сениорската репрезентација на Македонија, а лани беше избран во идеалната петорка на У18 Европското првенство што се одржа во Скопје, а на кое нашата репрезентација ја освои титулата.

Амар Хот минатата сезона го носеше дресот на Работнички, но управата на клубот од Градски парк и стручниот штаб одлучија да не ја продолжат соработката со него. Својата кариера тој ја почна во Феникс, во сезоната 2023/24 играше во Пелистер и Вардар, а претстојната кампања ќе му се стави на располагање на тренерот Миодраг Тодоровиќ.


