Македонскиот стручњак Горан Зинзировски се наоѓа пред нов голем предизвик во кариерата откако прифати да стане генерален менаџер на италијанската кошаркарска академија ВМБ од Реџо Калабрија.
Зинзировски е долго време во македонската кошарка, главно како кондициски или тренер кој се грижи за технички развој на млади играчи, главно преку индивидуални тренинзи. Беше дел од неколку младински селекции на Македонија, а веќе подолг период е спортски директор на школата за кошарка Вибас од Скопје. Покрај тоа што ќе биде генерален менаџер на ВМБ Академијата, тој ќе работи за американската организација Hoops N Heritage Global Society од Њујорк.
„Со претседателот на клубот, Луиџи ди Бернардо соработувам веќе 5-6 години, но ова е еден нов проект кој е во почетна фаза и ќе треба многу работа понатаму. Во првата сезона ќе биде генерален менаџер и главна работа ќе ми биде да регрутирам кошаркари од цел свет, на возраст од 15, 17 и 19 години.

На развојот на играчите ќе работам јас и директорот на Академија, Џамал Вомак од САД. Главен тренер ќе биде Паоло Пјероти од италијанската репрезентација кој, меѓу другото, организира тренерски клиники со млади стручњаци. Ќе се натпреваруваме во најдобрата младинска лига на Италија (eccelenza), а ќе бидеме учесници и домаќини на Европската младинска кошаркарска лига (EYBL)“, откри Зинзировски за КОШ.МК.
Меѓу другите проекти што треба да бидат реализирани, ВМБ Академијата од 24 до 31 август организира камп во Реџо Калабрија на кој ќе учествуваат колеџ, средношколски и тренери за индивидуален развој на кошаркари од САД. Главна ѕвезда и промотор на кампот е кошаркарот на Њујорк Никс, Прешс Акиува кој последната сезона играше во финалето на Источната конференција во НБА.
Покрај италијанските клубови, Зинзировски соработува и со академии и клубови од други земји и често е препорака за нашите млади кошаркари кои треба да продолжат во странство.


