Македонската кошаркарска репрезентација денеска на ждрепка во Рига ги доби противниците за првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Нашиот сениорски тим ќе го почне од најдолната фаза патот кон континенталниот шампионат за четири години, а тоа е можност за старт на ново поглавје против ривали кои реално не ни се на ниво. Одлично е тоа што Македонија е во единствената група со четири репрезентации што дава можност за шест натпревари во период од девет месеци.

Македонија е во група со Ирска, Луксембург и Азербејџан, противници кои можеме да ги победиме дури и со „втор“ тим и паралелно да градиме репрезентација за иднината, со млади кошаркари. Натпреварите се играат во три периоди: од 24 ноември до 2 декември 2025, од 23 февруари до 3 март 2026 и од 29 јуни до 7 јули 2026 година.
Пласман во втората фаза од претквалификациите обезбедуваат првопласираните репрезентации од секоја група, плус најдобрата второпласирана селекција.


