Откако првите два натпревара од претквалификациите ги одигра со ист состав, селекторот Марјан Илиевски за денешниот дуел против Романија направи две измени.
Еден од најискусните во тимот Адем Мекиќ поради повреда на коленото отпадна од комбинација и натпреварот ќе го проследи од трибина, а на негово место, шанса доби Марко Миловановиќ. Со тоа репрезентацијата ќе биде дополнително подмладено бидејќи разликата меѓу Мекиќ и Миловановиќ е нешто повеќе од шест години. Втората измена е од тактичка природа, а опфати двајца кошаркари на ТФТ. На местото на крилниот играч Тома Стојановски, во тимот ќе биде плејмејкерот Никола Василевски кој ќе има шанса да дебитира во националниот тим.
Натпреварот меѓу Романија и Македонија се игра попладнево од 18 часот во Орадеа, во рамките на четвртото коло од претквалификациите за Светското првенство.


