Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје поведе со 2-0 во полуфиналето од плејофот откако на домашен терен повторно го совлада МКК Куманово со 82-76.
Вториот меч од серијата беше многу потесен во однос на првиот на кој МЗТ Скопје славеше со 17 разлика, но и далеку подобрата игра не им беше доволна на кумановци да направат брејк. Како утеха може да им остане одличниот старт и фактот што во ниеден момент не се откажаа и покрај тоа што на моменти имаа негатива и од 15 разлика.
МКк Куманово многу подобро го почна натпреварот, во третата минута водеше со 11-3, но МЗТ одговори со серија од 11-0. До крајот на првата четвртина екипите се менуваа во водство, а дури во финишот од полувремето, аеродромци направија висока предност (50-41).
Гостите во третиот период намалија на само три разлика (62-65), но тоа беше најамногу што се доближија на овој меч. МЗТ потоа уфрли во повисока брзина, на средина од последниот квартал ги достигна највисоките +15 (79-64), МКК Куманово успеа да внесе драматика во финишот, но не и да го загрози триумфот на шампионот.
Дион Едвин вечерва одигра извонреден натпревар, постигна 22 поена, Крстевски беше стандарден со 11, а Андоноски додаде 10. И кај МКК Куманово најефикасниот играч заврши со 22 поена – Ренато Димитриевски кој имаше свој шутерски ден и погоди шест тројки од осум обиди. Третиот натпревар се игра во Куманово каде МКК ќе се обиде да остане во игра, а тоа е можно само со победа.


